Соопштенија

Две лица обвинети за измама во Скопје

По спроведена претходна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен предлог против две лица за кривично дело – Измама според член 247 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Со цел за себе да прибават противправна имотна корист, обвинетите соизвршители на возраст од 30 и 40 години од Долно Свиларе, од кои едниот бил вработен во Агенцијата за национална безбедност, а другиот бил униформиран полициски службеник во СВР Скопје, довеле во заблуда едно лице на кое лажно му прикажале факти за својот идентитет.

На 7 декември тие стапиле во контакт со оштетениот, му се претставиле со лажни имиња и му прикажале лажни факти според кои против семејната фирма од Куманово во сопственост на член на семејството на оштетениот се води постапка  од Одделението Интерпол при МВР Скопје. Притоа тие му презентирале електронско досие во кое имало докази за наводно незаконско работење, противправно посредување во средување на визи за косовски државјани, нелегално пренесување и продажба на ПЦР тестови за Ковид-19 и други незаконитости во работењето на фирмата.

Оштетениот го одржале во заблуда така што еден од обвинетите, при остварена средба, прикажал оригинална полициска легитимација со логото на МВР. Другиот обвинет, пак презентирал лажен факт дека во Одделението за Интерпол во МВР Скопје наводно работат неговата сопруга и неговиот братучед. Обвинетите побарале пари од оштетениот за да се затвори наводниот предмет против правното лице. На договорена и остварена средба на 8 декември во ресторан во Визбегово, оштетениот на еден од обвинетите му исплатил 600 евра кои претходно биле криминалистичко-технички обработени и фотографирани. По лишување од слобода, парите биле пронајдени кај обвинетиот.

Надлежниот јавен обвинител до Судот достави и посебен предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за двајцата обвинети, ценејќи дека и натаму постои опасност тие да се дадат во бегство за да го избегнат кривичниот прогон.