Соопштенија

Скопјанец обвинет за тешката сообраќајна незгода во Трубарево

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице кое се товари за кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетиот 72-годишник, на 11 октомври, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувајќи патничко моторно возило БМВ со скопски регистарски таблици во село Трубарево, во насока од исток кон запад, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај. Имено, тој постапил спротивно на член 228 став 1 и член 35 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, па возилото го управувал во алкохолизирана состојба со содржина на алкохол во крвта од 1,78 промили и содржина на алкохол во урина 2,43 промили. Низ населено место, автомобилот го управувал со брзина од 91 километри на час, што е значително поголема од дозволената.

Поради тоа тој изгубил контрола над управувачот и со десните тркала излегол десно надвор од коловозот, се качил на тротоарот, а со предниот дел од возилото удрил во задното тркало од мопед „Баутијан“, без регистарски таблички управуван од оштетениот Идриз Ќеримовски. Од ударот, оштетениот со мопедот паднал на коловозот, се здобил со тешки телесни повреди на кои им подлегнал на самото место и починал.

Обвинетиот продолжил со автомобилот да се движи во десно излегувајќи надвор од коловозот па со предниот дел од возилото во автобуското стојалиште на ЈСП Скопје и во телото на оштетено дете Ваљтон Битики, кое како пешак стоело на автобуското стојалиште. Од ударот оштетеното дете здобило тешки телесни повреди, на кои им подлегнало во болница.

Обвинетиот и натаму со возилото продолжил да се движи по тротоарот, удрил и соборил дрвена бандера и сообраќаен знак, по што со возилото излегол лево надвор од коловозот каде што автомобилот запрел.

Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка куќен притвор за обвинетото лице со цел да се обезбеди неговото присуство во текот на постапката и да се спречи тој да го повтори делото кое му се става на товар.