Соопштенија

Германски државјанин обвинет за нанесување тешка телесна повреда

Обвинителен предлог против германски државјанин поднесе Основното јавно обвинителство Скопје. Лицето се товари дека сторило кривично дело – Тешка телесна повреда, предвидено и казниво согласно член 131 став 1 од Кривичниот законик.

Нa 12 декември, на бензинска пумпа на автопатот Е75, во близина на клучката кај Кадино, тој со умисла тешко телесно повредил едно лице. Откако претходно со својата вереница изнајмиле автомобил на Меѓународниот аеродром Скопје, тие го замолиле оштетениот вработен во рентакар агенцијата да ги вози и да им помогне да ја пронајдат вилата во која требало да престојуваат. Откако му го кажале името на вилата, оштетениот застанал на бензинската пума и телефонски разговарал со вработените во вилата, кои му појасниле дека објектот е во населбата Пинтија. Во тој момент, без никаков повод или причина обвинетиот започнал со висок тон да му се обраќа на оштетениот на англиски јазик, му се доближил, му го одзел мобилниот телефон од раката и со него го удрил по лицето. Притоа оштетениот се здобил со тешка телесна повреда – скршеница на левата јаболчна коска, скршеница на левата орбита и на левиот горновиличен синус.

Ценејќи дека во конкретниот случај постои опасност од бегство, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за определување мерка притвор за обвинетото лице, на кое претходно со решение на судија на претходна постапка му беше определен куќен притвор.