Соопштенија

Две лица осомничени за набавка на синтетички дроги со криптовалути

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица затоа што постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничената 37-годишна скопјанка и осомничениот 29-годишен скопјанец, кои што живееле во вонбрачна заедница, во домот во кој престојувале на улицата „Рузвелтова“, континуирано во повеќе наврати набавувале синтетичка дрога амфетамин, користејќи ја интернет платформата „ДаркНет“, преку креиран профил и користејќи криптовалути како платежно средство.

Дрогата ја набавувале од непознати лица од Германија, а им била доставувана преку поштенски пратки.

На аеродромот во Франкфурт, Германија, царински службеници заплениле поштенска пратка – хартиено плико на кое како примател била назначена осомничената. Пратката содржела амфетамин, па по воспоставена меѓународна соработка, поштенската пратка била испратена до пошта во Скопје на 09.09.2022 година. На осомничената и била доставена на домашна адреса. На 15 септември полициски службеници извршиле претрес во домот и пронашле амфетамин со нето маса од 82 грама, како и две тегли со наркотична дрога марихуана.

При претрес кај осомничениот, пак, пронајденa е уште една полиетиленска ќесичка со марихуана и една метална дробилка со остатоци од марихуана.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничената, бидејќи постојат околности кои упатуваат на опасност од бегство и можност да го повтори делото. За осомничениот се предложени мерки на претпазливост.