Соопштенија

Истрага за изнуда во Скопје, предложен притвор за двајца осомничени

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица, на возраст од 36 и 34 години, за кои постои основано сомневање дека како соизвршители сториле кривично дело –  Изнуда од член 258 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Двајцата осомничени заедно, со употреба на сила и сериозна закана, поради наводен долг и нерасчистени должничко-доверителски односи, од едно лице од Крушево одзеле автомобил БМВ и апарат за испитување на подземни води, во вкупна вредност од околу 17.500 евра. Потоа му барале 6.000, а подоцна и 12.000 евра за да му го вратат одземеното. На 27 декември се сретнале со оштетениот во угостителски објект во трговски центар во Скопје за да им ги предаде парите. Банкнотите претходно биле криминалистички обработени, а полициски службеници веднаш ги лишиле од слобода двајцата осомничени.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, оценувајќи дека постои опасност да се дадат во бегство, да влијаат врз сведоците или да го повторат делото.