Настани, Соопштенија

Коцевски на средба со Декер

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски денеска се сретна со заменик амбасадорот на Кралството Холандија во нашата земја Роберт Декер со кого разговараше за приоритетите и предизвиците во работата на јавните обвинителства.

Коцевски особено се осврна на процесот на дигитализација и подготовка на новиот систем за управување со предметите во Јавното обвинителство, како и планираните активности за јакнење на транспарентноста на институцијата и на интегритетот на јавните обвинители, како области кои Кралството Холандија веќе ги поддржува со свои активности.

„Свесни сме за својата улога и навистина сме подготвени да работиме многу и посветено, меѓутоа ќе бараме и ваша поддршка во насока на тоа да ни се даде вистинското место во системот и да ни се овозможат сите услови за работа со цел да можеме да испорачаме резултати“, рече Коцевски на средбата.

Тој ги запозна предизвиците со кои се соочува Обвинителството од материјален, кадровски и законски аспект.

Заменик-амбасадорот Декер истакна дека Холандија континуирано дава поддршка и се залага за обезбедување на соодветни ресурси за правосудството, вклучително и јавното обвинителство, а ќе продолжи да ја испраќа таа порака и во иднина.