Настани, Соопштенија

Средба меѓу Јавното обвинителство и ДКСК

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски заедно со неколкумина јавни обвинители денеска оствари средба со претседателката и членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на која беа разгледани можностите за подобрување на соработката меѓу двете институции.

Притоа, претставниците на Јавното обвинителство и на ДКСК се договорија да го разгледаат и да дадат конкретни предлози за подобрување на Меморандумот за соработка меѓу двете институции, да одржуваат почести состаноци и интензивно да се координираат при постапувањето по предметите со цел да се избегне удвојување и нарушување на тајноста на постапките и пресумпцијата на невиност.

Од заеднички интерес е да соработуваме и да комуницираме, се согласија Јавниот обвинител Коцевски и претседателката на ДКСК Татјана Димитровска, кои договорија и интензивна соработка во следењето на претстојниот изборен процес, во согласност со надлежностите на обвинителствата и на комисијата. Тие заеднички дискутираа и за ефектите од последните измени на Кривичниот законик во тековното работење на двете институции.

Во периодот од 2019 година се до февруари 2024 година, до обвинителствата се доставени вкупно 58 иницијативи од ДКСК. Притоа, еден дел од нив се уште се во работа, бидејќи повеќето од овие иницијативи се поднесени во последните 2 години – 12 се поднесени во 2022 година, 29 или половина од вкупно поднесените се од минатата 2023 година и 2 се од почетокот на годинава. Сите постари иницијативи, освен една, се веќе решени, а по поголем дел од поновите се постапува и се преземаат дејствија. Врз основа на овие иницијативи, во 2021 година е оформен предмет во ОЈО Тетово во кој има пресуда против градоначалник на општина Боговиње за член 353 од Кривичниот законик. Во мај 2023 година, ОЈО Битола поднело обвинителен предлог против едно лице врз основа на иницијатива од ДКСК поднесена во 2022 година за кривично дело од член 353-в став 1, а предметот е во фаза на судење. Исто така, ОЈОГОКК неодамна поднесе обвинителен предлог поврзано со иницијатива од ДКСК во предмет кој ќе го застапува ОЈО Струга.