Соопштенија

Наредба за истрага за 11 сторители на кривично дело „Трговија со дете“

Под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во текот на вчерашниот ден припадниците на Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе при Министерството за внатрешни работи реализираа случај во кој се лишени од слобода 10 лица. Реализацијата е резултат на повеќемесечна меѓуинситуционална соработка заради постоење на основи на сомнение дека е сторено кривично дело „трговија со дете“, извршено од страна на 11 идентификувани лица.

Постапувајќи по кривичната пријава, предметниот јавен обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 11 лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело Трговија со дете по чл. 418-г од Кривичниот законик.

Според наводите содржани во диспозитивот на Наредбата за спроведување на истражна постапка летото 2020 година првоосомничената, го прифатила четиринаесетгодишното дете – жртва во својот дом, а подоцна ги прифатила и нејзините десетгодишна сестра и седумгодишен брат за да се грижи за нив поради нарушените односи во нивното семејство. Набргу потоа искористувајќи ја состојбата на немоќ и ранливост на детето – жртва, заканувајќи ѝ се и применувајќи други форми на присилба, започнала да го подведува детето на вршење полови дејствија со дел од осомничените и други НН лица за одреден паричен надомест. Честопати заканите кон детето – жртва биле поврзани со нејзините брат и сестра, дека доколку не ги прифати договорените сексуални активности, децата ќе ги остави во дом или ќе ги врати кај нивната мајка. Подоцна, уште тројца од осомничените, по претходен договор со првоосомничената, а со цел стекнување за себе противправна имотна корист, две години, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, во повеќе наврати, го подведувале детето на вршење полови дејствија по пат на сексуална експлоатација со останатите осомничени и други НН лица меѓу кои имало и жена. Осомничените корисници на сексуалните услуги, иако знаеле дека детето е жртва на трговија со дете, на подведувачите им исплаќале паричен надомест во висина од 50 до 200 евра.

Предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерката притвор за сите осомничени.

За кривичното дело што им се става на товар на осомничените и кое директно го крши Протоколот кон Конвенцијата за правата на детото што се однесува на трговија со деца, детска проституција и детска порнографија (МД-44/03-95) е запретена е казна затвор во траење од најмалку 8 години, додека за делото сторено од првоосомничената најмалку 10 години. ​

Дополнување: 

Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје попладнево за дветмина осомничени  го прифати предлогот на обвинителството и со Решение им определи мерка притвор во траење од 30 дена, додека на две лица дополнително ќе одлучува бидејќи едниот осомничен се наоѓа на болничко лекување, додека вториот е недостапен за органите на прогонот.