Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје достави Обвинителен акт против едно лице за сторени кривични дела – Убиство од член 123 став 1, Убиство (во обид) од член 123 став 1 во врска со член 19, како и Недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот на 20 декември со умисла лишил од живот едно лице, а уште едно се обидел да лиши од живот со употреба на огнено оружје – пиштол марка „Чешка Збројовка“ VZOR 50 со калибар 7,65 мм, кој го поседувал без дозвола. Оштетените татко и син на критичниот ден дошле пред дуќанот на обвинетиот на улица „Московска“ и почнале да тропаат на вратата, упатувајќи му закани да отклучи и да излезе надвор за да ги решат меѓусебните недоразбирања. Тој без да отклучи го извадил пиштолот кој го држел без дозвола и го насочил кон нив. Во тој момент тие се оддалечиле, па обвинетиот ја отклучил вратата, мислејќи дека си заминале. Тогаш ги забележал како повторно се приближуваат, па пак влегол во дуќанот и со пиштолот започнал да пука кон нив. Притоа на еден од оштетените му нанел пет огнострелни повреди во градниот кош, стомакот и десната подлактица. Како резултат на повредите кај лицето дошло до нагло губење големо количество крв и тој починал на лице место. Другиот оштетен се здобил со тешки телесни повреди.
До Основниот кривичен суд Скопје јавниот обвинител достави предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот, со оглед на тоа што и натаму опстојуваат основите заради кои оваа мерка беше првично одредена – опасност од бегство и можност да го повтори кривичното дело или да го доврши обиденото кривично дело.