Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје Гаврил Бубевски ја назначи јавната обвинителка од ОЈО Скопје Искра Хаџи Василева како лице за контакт во врска со предметите поврзани со безбедноста на новинарите, кои се во надлежност на Основното јавно обвинителство Скопје.
Одлуката е донесена врз основа на заклучоците од состанокот на Бубевски со претставници на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), што се одржа на 27.05.2022 година.
Јавната обвинителка Хаџи Василева има надлежност да го следи постапувањето во предметите во кои во својство на оштетени, сведоци или пријавени лица се јавуваат новинари кои ги извршувале своите работни задачи.
Основното јавно обвинителство Скопје и останатите јавни обвинителства даваат приоритет во постапувањето по предметите поврзани со безбедноста на новинарите и ќе продолжат во оваа насока да ја унапредуваат соработката со новинарските здруженија, со цел да се санкционира секое кривично-правно загрозување на слободата на изразување.