Основната јавна обвинителка Вилма Русковска вчера беше домаќин на претставници на Делегацијата на Европската унија во земјава, предводени од амбасадорот Дејвид Гир. Едночасовната средба беше од протоколарен карактер и се одржа во просториите на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Амбасадор Гир покажа интерес за функционирањето на обвинителството, неговата кадровска екипираност, како и идните планови во врска со преселувањето во новите простории. Истакнувајќи го своето задоволство за работењето на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, амбасадорот понуди помош од Европската унија за уште поефикасно и поефективно работење на ова обвинителство.