На ден 13.09.2014 година, од страна на Министерството за внатрешни работи – СВР Скопје, Организациони единици за криминалистички работи, Единицата за економски и компјутерски криминал, до Основното јавно обвинителство – Скопје поднесена е кривична пријава против три лица за сторено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување.
Осомничените, вработени во банката на одговорни работни места и тоа главен трезорист, трезорист и одговорно лице за имот и безбедност, во периодот од 16.06.2014 година до 26.08.2014 година, со искористување на својата службена положба и овластување прибавиле за себе значителна имотна корист и нанеле штета на банката.
Делото го извршиле на начин што во повеќе наврати преку фиктивно полнење на банкоматот и прикажување на состојба на АТМ бројачи и хост на неточен износ. При отварање и полнење на банкоматот изготвувале и потпишувале лажен Записник врз основа на доставениот слип од банкоматот, пред чие принтање мануелно било внесувано дека во банкоматот наводно се внесуваат пари во одреден износ. При вонредна контрола и комисиско пребројување на затекнатата состојба на банкоматот, со Записник при отварање и полнење на банкоматот, било констатирано дека постои негативна разлика на реално затекнатата состојба на пари во банкоматот–кусок, кој износ осомничените при полнење на банкоматот не го внеле во истиот, туку го присвоиле за себе.
Постапувајќи по поднесената кривична пријава, надлежниот јавен обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка и до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје поднесе Предлог за определување мерка – Притвор против еден осомничен, додека против другите двајца осомничени поднесе Предлог за определување на мерки на Претпазливост: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетите да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање и забрана за преземање определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Постапувајќи по ваквиот предлог на Основното јавно обвинителство – Скопје, судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје против еден осомничен определи мерка притвор во траење од 30 дена, додека против другите осомничени се определени предложените мерки на претпазливост.
Во Основното јавно обвинителство – Скопје во тек е преземањето на истражните дејствија по овој предмет.
ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА