Соопштенија

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција гони пет лица за скимирање на платежни картички

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против пет македонски државјани од Битола и Прилеп. Осомничените се товарат дека сториле кривични дела „Перење пари и други приноси од казниво дело“ од чл.273, “Изработка и употреба на лажна платежна картичка” по чл.274-б и „Злосторничко здружување“ по чл. 394 од Кривичниот законик.

Имено, осомничените скимирале платежни картички на банкомати, односно вградувале апарати за читање на податоци што подоцна ги користеле за изработување на лажните платежни картички што биле употребувани во Република Македонија и во странство.

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до судијата на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 – Скопје за четворица од осомничените достави Предлог за определување на мерка – Притвор, додека за едно лице предложи мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање.