Соопштенија

Пет лица во Скопје осомничени за насилство во дворот на Клинички центар

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против пет лица, кои се осомничени дека заедно сториле кривично дело – Насилство според член 386 став 6 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.

На 18 јуни, пред Ургентниот центар при комплексот клиники “Мајка Тереза”, осомничените во група ја загрозиле сигурноста и извршиле грубо насилство врз едно лице.

По претходна физичка пресметка помеѓу членови на две семејства во Злокуќани, оштетениот со неговото семејство на Ургентниот центар чекале лекарска помош за неговиот син.

Во дворот на клиниките пристигнале и осомничените. Физички го нападнале оштетениот, удирајќи го по главата и телото со клоци и тупаници, но и со метални шипки, дрвени палки и други предмети. Со ударите му нанеле тешки телесни повреди – фрактури на носна коска и на ребра, а кај останатите присутни предизвикале чувство на загрозеност, несигурност и страв.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за сите петмина осомничени, бидејќи постои опасност од бегство, можност да влијаат врз сведоци и оштетени, но и да го повторат делото.