Соопштенија

Побарани казни за непочитување на здравствените прописи во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе предлози за издавање казнени налози против три лица обвинети за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Првиот обвинет, на 26 март, пристигнувајќи на граничниот премин Блаце, потпишал изјава дека ќе спроведе самоизолација во период од 14 дена во неговиот дом во кумановско Никуштак, бидејќи се враќал од земја со среден/висок ризик за ширење на заразната болест COVID-19. Меѓутоа, без да се пријави на надлежните, самоволно ја напуштил собата за изолација на граничниот премин и влегол во автомобил Цитроен ксара во сопственост на друго лице кое го повикал по телефон, па заедно се упатиле кон Скопје. Полициските службеници од граничниот премин Блаце тргнале по нив и кај местото викано Вражји Вир, на околу 1 километар од граничниот премин, ги запреле и ги вратиле на преминот.

Останатите две обвинети, и двете на возраст од 20 години, на 25 март во 23:50 часот биле затекнати како се движат по ул. „Јадранска Магистрала“, со што не постапиле според Одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на Република Северна Македонија.

Надлежните јавни обвинители за трите обвинети лица му предложија на Основниот кривичен суд да определи парична казна од 100 дневни глоби, при што висината на секоја дневна глоба да биде одредена на 20 евра во денарска противвредност.