Соопштенија

Поднесен Обвинителен предлог против директор од Велес за неправилности во спроведена ученичка екскурзија

Основното јавно обвинителство – Велес поднесе Обвинителен предлог против едно лице – директор на средно училиште во овој град, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело – Несовесно работење во службата од чл.353-в ст.2 од Кривичниот законик.
Обвинетиот се товари за неправилности околу спроведената екскурзија за учениците во трета година од училиштето.
Имено, по завршувањето на постапката за избор на најповолен понудувач за организирање на наведената екскурзија на ден 07.04.2016 година, откако истиот ден Одлука за избор донесол и Училишниот одбор на училиштето, тој на 08.04.2016 година склучил Договор за организирање на ученичката екскурзија со избраниот најповолен понудувач по што се упатени известувања до сите понудувачи за извршениот избор.
Но, спротивно на одредбите од Правилникот за начинот на организирање на ученичките екскурзии во средните учлилишта, иако штотуку започнал да тече рокот за жалба на неизбраните понудувачи, само два дена подоцна, односно на 10.04.2016 година овозможил реализација на екскурзијата.
За автобусите со кои заминале учениците не бил доставен записник за извршен вонреден технички преглед не постар од еден месец, а со автобусите управувале возачи кои поседувале лекарски уверенија за психофизичка способност за управување на истите со датум постар од дозволените шест месеци.
Бидејќи екскурзијата е целосно реализирана во времето кога течел рокот за жалбена постапка, иако останатите понудувачи вложиле навремена жалба, нивните жалби биле беспредметни.
На овој начин, директорот несовесно постапил при вршењето на своите овластувања и должности со што потешко ги повредил правата на други лица.
Предметот е оформен по допрен глас и за истиот беше спроведена истрага – беа сослушани поголем број сведоци и пријавениот, а беше прибавена и целокупната документација.