Соопштенија

Поведена истрага за изнуда во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Изнуда од член 258 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот 43-годишник, во периодот од октомври 2021 година до 11.04.2022 година, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, со сериозна закана присилил едно лице да му даде парични средства во износ од 7.000 евра. Во октомври 2021 година, оштетениот од обвинетиот позајмил 700 евра кои требало да ги врати со камата која меѓусебно ја договориле. Оштетениот месечно му ги враќал парите согласно договорениот начин на исплата.

Но, во јануари 2022 година обвинетиот му кажал на оштетениот дека износот кој треба да го врати се зголемил за 150 евра. На 27 март годинава обвинетиот повторно телефонски го контактирал оштетениот, барајќи до крајот на тој месец да му исплати вкупен износ од 1.500 евра, при што му упатил и директни закани дека ќе му ги скрши рацете и нозете доколку не ги даде парите. На 3 април, со телефонски повик, обвинетиот му се заканил на оштетениот дека ќе го убие него и неговото семејство доколку не му исплати износ од 7.000 евра.

Следниот ден го повикал на средба во еден угостителски објект во Скопје. Оштетениот носел со себе парични средства, но обвинетиот побарал парите да ги претвори во банкноти од по 100 евра и неколку дена подоцна да му ги остави кај некој од вработените во угостителскиот објект. Ова оштетениот го одбил со изговор дека нема доверба да ги остава парите кај трети лица.

Изнудувачот закажал нова средба со оштетениот на 11 април, спроти казино на улицата „Иван Козаров“, при што оштетениот му предал 100 евра и 6.000 денари. Кога започнал повторно да му се заканува, осомничениот бил веднаш лишен од слобода, бидејќи оштетениот, стравувајќи за сопствената и за безбедноста на своето семејство, претходно ја пријавил средбата во полиција.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор, бидејќи постојат околности кои упатуваат на опасност од бегство, можност да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и можност да го повтори делото.​