Соопштенија

Поведена постапка за разбојништвото во банка во Крушево

Основното јавно обвинителство Прилеп донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, 51-годишен жител на Крушево, поради постоење на основано сомнение дека го сторил кривичното дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот на 19.08.2020 година околу 15,00 часот, со намера противправно да присвои туѓи подвижни предмети, се маскирал со црна маска, темни очила и сива капа на главата по што влегол во  експозитурата на „Уни Банка“ во Крушево каде го извршил кривичното дело. Тој со употреба на сила и закана со огнено оружје дека непосредно ќе нападне врз животот и телото на оштетените вработени, ги присилил трите службенички да му ја отворат просторијата каде биле сефовите од банката и одзел денарски парични средства во вкупен износ од 1.330.000,00 денари.

Во насока на обезбедување натамошно непречено одвивање на кривичната постапка, јавниот обвинител кој постапува во предметот, до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Прилеп поднесе предлог за определување на мерка притвор за осомничениот.  Судот го прифати предлогот и со решение на осомничениот му е определена мерка притвор во траење до 30 дена.     ​