Соопштенија

Предложен притвор за возачот на влекачот од сообраќајната незгода во Требениште, Охрид

Основното јавно обвинителство – Охрид поведе постапка против возачот на товарното возило – влекач кој учествуваше во сообраќајната несреќа во која животот го загуби едно лице. Сообраќајната несреќа се случи на 23 август, во попладневните часови, кога на магистралниот пат кон Охрид, во близина на с. Требениште, мотор удри во товарно возило – влекач. Влекачот, дел од механизацијата на градежната фирма која вршела изведба на работи на магистралниот пат, го управувал сега осомничениот граѓанин на Република Албанија. По извршениот увид на лице место, надлежниот јавен обвинител издаде наредба за обдукција на починатиот, наредба за проверка на крв и урина, наредба за сообраќајно-техничко вештачење, како и други дејствија во насока на утврдување на фактите во предметот.

Обвинителството поведе постапка против возачот на влекачот поради постоење на сомнение за сторено кривично дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, по член 300 став 4 од Кривичниот законик. Ценејќи дека се исполнети законските основи, обвинителот предложи Основниот суд во Охрид на осомничениот да му определи мерката притвор. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот и на осомниченото лице му определи притвор во траење од осум дена.