Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против албански државјанин на 37 годишна возраст затоа што постои основано сомнение дека на ден 02.05.2018 година неовластено заради продажба пренесувал наркотична дрога – марихуана во количина од над 130 килограми.
Осомничениот со товарно моторно возило марка Волво со албански регистарски ознаки и со полуприколка КРОНЕ со албански регистарски ознаки пренесувал дрога на граничниот премин Богородица. Вo посебно направен простор во внатрешноста на страничните даски за кои е прицврстена церадата на полуприколката биле сместени 323 пакувања со правоаголна форма, обвиткани со транспарентна растеглива фолија во кои била сместена наркотичната дрога – марихуана, што е констатирано од страна на овластените службени лица на Царинската управа на Република Македонија.
Основното јавно обвинителство во Велес најде дека постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство на осомничениот и го оправдуваат стравот дека осомничениот може да го повтори кривичното дело, поради што до Судијата на претходна постапка на Основен суд Велес достави предлог да се донесе решение со кое ќе се определи притвор за осомниченото лице.
Од страна на Судија на претходна постапка на Основен суд Велес е определена мерка притвор во траење од 30 дена.