Соопштенија

Притвор за двајца соизвршители во разбојништво во Велес

Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против двајца велешани за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Разбојништво според член 237 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Осомничените, на возраст од 26 и 32 години, на 23 декември наутро, со заштитни маски на лицето, заедно влегле во спортска обложувалница. На вработената на сила од раката и го оттргнале мобилниот телефон и го одзеле. Побарале од неа пари со закана дека ќе ја убијат. Почнале да пребаруваат низ обложувалницата, па пронашле и одзеле 12 ваучери за исплата од слот машини во вредност од вкупно 13.219 денари, како и сите ситни монети што ги пронашле во фиоките.

По предлог на јавниот обвинител, судија на претходна постапка од Основниот суд во Велес определи мерка притвор во траење од 30 дена за двајцата осомничени, ценејќи дека постои опасност од бегство и можност да го повторат делото.