Соопштенија

Притвор за тројца осомничени за трговија со марихуана во Кочани

Основното јавно обвинителство Кочани донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три лица, од кои едно за продолжено кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик, додека за другите двајца за помагање при извршување на истото кривично дело.

Првоосомничениот, во периодот од 10 до 23 февруари, искористувајќи исти прилики, сторил повеќе временски поврзани дејствија кои претставуваат повеќекратно остварување на истото дело – организирал, нудел на продажба и продавал наркотична дрога марихуана.

Имено, во повеќе наврати на лице со прикриен идентитет тој му нудел продажба на марихуана од објект на друштво за производство и промет на земјоделски производи во селото Уларци, кое се занимава со производство на канабис. На овој начин тој организирал нелегална продажба на речиси седум килограми марихуана од објектот.

Второ и третоосомничениотт му помагале на првоосомничениот така што му овозможувале на лицето со прикриен идентитет да влезе во објектот и да ја преземе дрогата.

По предлог на надлежниот јавен обвинител, Основниот суд Кочани определи мерка притвор во траење од 30 дена за тројцата осомничени.​