Соопштенија

Скопјанец обвинет за трговија со марихуана

По спроведена истражна постапка, Oсновното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе Обвинителен акт против едно лице за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетиот 23-годишен скопјанец, во домот во кој престојувал, држел наркотична дрога марихуана во вкупна нето количина од 486,04 грама, спакувана во повеќе полиетиленски пакувања со различна грамажа, како и едно полиетиленско пакување со 4,04 грама психотропна супстанција – амфетамин. Дрогата, наменета за натамошна продажба на црниот пазар во Скопје, била пронајдена при претрес на 24 април, при што биле одземени и две дигитални ваги.

Надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за продолжување на претходно определената мерка куќен притвор за обвинетото лице, бидејќи и натаму постои опасност од бегство и можност тој да го повтори кривичното дело.