Соопштенија

Скопјанец под истрага за две разбојништва

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторил две кривични дела – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот 21-годишен скопјанец, на 17 септември, заканувајќи се со огнено оружје – пиштол, одзел 101.000 денари од обложувалница на улица „Финска“ во Скопје. Со пиштолот му се заканил на вработениот, ги одзел парите и избегал.

На 27 октомври, пак, осомничениот влегол во продавница М-Кеш на улица „Методија Андонов Ченто“ и повторно со закана со пиштол кон вработената одзел метална каса во која имало 58.350 денари. Потоа веднаш го напуштил местото.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постои опасност тој да се даде во бегство, да влијае врз сведоците или да го повтори делото.​