Соопштенија

Скопјанец под истрага за разбојништво во спортска обложувалница

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, поради постоење основано сомнение дека сторило кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот 27-годишен жител на Скопје, на 10 септември, со службено возило на фирмата во која работел како дистрибутер, дошол до спортска обложувалница на ул. „Благоја Стефковски“. Го паркирал возилото во непосредна близина на обложувалницата, со нож во раката влегол внатре и се заканил на еден вработен и на уште едно лице кое во тој момент се наоѓало во објектот. Притоа одзел 21.760 денари од касите на уплатно-исплатното место, 138.020 денари кои се наоѓале во ВЛТ апаратите, како и 24 исплатени тикети со вкупна сума од 55.283 денари. Откако го извршил разбојништвото, со возилото го напуштил местото и се упатил во правец на населбата Хиподром.

Ценејќи дека се исполнети сите законски основи, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави и Предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.