Соопштенија

Започна имплементацијата на твининг проектот за градење на институционалните капацитети на истражните центри

Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи, Управата за финансиска полиција и Царинската управа на Република Северна Македонија во соработка со Германската фондација за меѓународна правна соработка (ИРЗ) и Министерството за правда на Република Хрватска денеска го означија почетокот на имплементацијата на твининг проектот финансиран од Европската унија: „Градење на институционалниот капацитет на истражниот центар“

Општата цел на проектот е подобрување на ефикасноста и делотворноста на кривичната правда преку ефикасно функционирање на истражните центри, кои вклучуваат истражители од различни профили во спроведување брзи, транспарентни и ефикасни предистражни и истражни постапки.

„Во 2018 година беше донесена одлука во која е определен бројот на припадници на правосудна полиција во истражните центри, но тие до овој момент се уште не се заживеани. Овој проект доаѓа во вистинско време“, нагласи Љубомир Јовески, Јавен обвинител на Република Северна Македонија.

„Поентата е истражните центри да овозможат и суштинска независност и самостојност на јавните обвинители во истражувањето на случаи од висок профил на закана, како што се организиран криминал, корупција, перење пари и други национални и транснационални закани“, истакна Оливер Спасовски, Заменик-претседател на Владата и Министер за внатрешни работи.

„Истражните центри се можеби најзначајната алатка во рацете на обвинителите. Тие го откриваат патот на парите, тие се на некој начин очите и ушите на обвинителите, тие ги собираат сите делчиња од сложувалката и ја градат целосната слика за еден кривично-правен настан“, додаде Рената Дескоска, Министерка за правда.

Специфичната цел на проектот е унапредување на целосното спроведување на Законот за кривичната постапка во поглед на воспоставувањето на ефикасни истражни центри во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и во основните јавни обвинителства со проширена надлежност кои имаат најголем број случаи (Скопје, Куманово и Тетово), а со цел постигнување ефикасни и мултидисциплинарни истраги кои ќе обезбедат цврсти докази за обвиненијата и нивното претставување пред судовите.

Твининг-проектот го спроведува Германската фондација за меѓународна правна соработка (IRZ) во партнерство со Министерството за правда на Република Хрватска.

„Нашите земји не се многу различни во предизвиците со кои се соочуваме. Сите ние се стремиме кон ефикасна борба против криминалот и кон владеење на правото“, рече Штефан Вон Дер Бек, Државниот секретар на министерот за правда на Долна Саксонија, Германија.

„Преку овој проект вие имате можност, од една страна да го добиете искуството од една голема и стара земја-членка на ЕУ како Германија, со огромно искуство во изградба на капацитетот на институциите и во борбата против организираниот криминал, а од друга страна – една мала, нова земја-членка како што е Хрватска, која точно знае и разбира со што се соочувате, бидејќи и ние поминавме низ истите предизвици“, нагласи Иван Црнчец, Помошник-министерот за правда на Република Хрватска.

Проектот е финансиран од Европската унија со буџет од еден милион евра. Периодот на спроведување на проектот е 24 месеци (11 мај 2019 – 10 мај 2021).

„Борбата против организираниот криминал во цел Западен Балкан, вклучувајќи и во Северна Македонија има огромна важност за нас во Европската унија“, рече Самуeл Жбогар, ЕУ амбасадор во Скопје.

Овој проект е составен од три компоненти:

  1. Поддршка на воспоставувањето на истражните центри преку подобрена регулаторна рамка на организациската структура и работните методи на истражните центри.
  2. Подобрување на капацитетите на истражителите, јавните обвинители, правните соработници и останатиот персонал во релевантните институции за спроведување на правото.
  3. Подобрување на оперативната соработка на истражните центри на национално и меѓународно ниво.