Соопштенија

СО ЗАТВОРСКА КАЗНА ОД СЕДУМНАЕСЕТ ГОДИНИ ПОТВРДЕНО ОБВИНЕНИЕ НА ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО

Казната е досудена по поднесено обвинение на Основното јавно обвинителство Скопје, против едно лице за сторено кривично дело Полов напад врз малолетник кој не наполнил 14 години.

 Обвинителството постапувајќи по поднесена  кривична пријава од Министерството за внатрешни работи, по прибирање на сите докази и факти во предметот, против осуденото лице поднесе Обвинителен акт и тоа за квалификаторен облик на ова кривично дело, бидејќи надлежниот јавниот обвинител оцени дека во конкретниот случај настапила тешка последица, а самото дело е извршено на особено суров и понижувачки начин.

 Настанот за кои се гонеше обвинетиот се случувал во периодот од 01.06.2011 година до 01.06.2012 година, кога обвинетиот во повеќе наврати извршил обљуба врз оштетената-дете.  Искористувајќи ги приликите на тринаесет годишното дете оставено без родителска грижа, ја земал од училиште, ја однел во близина на рид во една скопска населба, каде присилно имал сексуален однос со неа, а потоа употребувајќи сила и закана за нејзиниот живот и животот на нејзините блиски ја присилувал во континуитет на сексуални односи со тепање, давење, горење со цигари. При тоа обвинетиот  нанел телесни повреди на телото на детето, која состојба резултирала со силен трауматски ефект врз детето, што довело до особено намалено расположение, чувство на несигурност и загрозеност, емоционална нестабилност, исцрпување на енергетските капацитети кај детето и суицидност.

 Во текот на постапката пред јавниот обвинител, со оглед дека се работи за дете жртва на кривично дело, применети се посебни мерки на процесна заштита и исказот кој детето го дало пред јавниот обвинител е визуелно тонски снимен. Ова е од особено значење за  избегнување на секундарна виктимизација на детето, па во оваа смисла на главната расправа детето не е повикано повторно да дава исказ, со цел да се избегне изложување на детето на повторен стрес и виктимизација, туку исказот кој е визуелно тонски снимен е искористен како доказ во постапката.

 Основниот суд Скопје 1 Скопје, по завршување на главната расправа донесе осудителна пресуда со која обвинетиот го осуди на 17 години затвор.