Соопштенија

Велешанец под истрага за трговија со дрога во Битола

Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот 38-годишен жител на Велес, на 6 август, неовластено заради продажба во својот автомобил превезувал 4.223,39 грама наркотична дрога марихуана и 1,98 грама амфетамин. Дрогата била откриена при сообраќајна контрола на неговото возило, во близина на една бензинска пумпа на патниот правец А3 Ресен-Битола.

Надлежен јавен обвинител, ценејќи дека се исполнети законските основи, до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Битола достави и Предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице. Судот го прифати предлогот и на осомничениот му изрече притвор во траење од 30 дена.