Јавното обвинителство е дефинирано како единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични и други со закон утврдени казниви дела и врши други работи определени со закон.
Јавното обвинителство е организирано според принципите на хиерархија и субординација, чие почитување не смее да ја загрози самостојноста и одговорноста на јавните обвинители при вршењето на нивната функција.
Јавното обвинителство се основа и укинува со закон и согласно закон е организирано како:
– Јавно обвинителство на Република Македонија основано за целата територија на Република Северна Македонија и постапува пред Врховниот суд,
– 4 Виши јавни обвинителства кои постапуваат пред апелационите судови во Битола, Гостивар, Скопје и Штип
– Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за целата територија на Република Северна Македонија со седиште во Скопје и
– 22 основни јавни обвинителства кои постапуваат пред еден или повеќе основни судови Основните јавни обвинителства се организирани како: 7 основни јавни обвинителства со основна надлежност (кои постапуваат за кривични предмети за кои е како главна казна е определена казна затвор до 5 години) и 15 основни јавни обвинителства со проширена надлежност (кои постапуваат за кривични предмети за кои е како главна казна е определена казна затвор над 5 години).
Во јавните обвинителства со поголем обем на истородни предмети, заради подобрување на ефикасноста и специјализација во работењето на јавното обвинителство, законот дава можност за формирање на одделенија како внатрешни организациони единици, со кои раководи јавниот обвинител или заменик на јавниот обвинител. Во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и во јавно обвинителство основано за подрачје на суд со проширена надлежност се формираат специјализирани одделенија за следење и откривање на криминалитетот со посебна стручна служба, а во јавните обвинителства основани за подрачје на суд со проширена надлежност, согласно со одредбите на законот, се формираат и специјализирани одделенија за малолетници.
Во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се формира специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција. Специјализираното одделение има стручна служба и јавнообвинителски истражители од истражниот центар. Јавните обвинители и раководителот на специјализираното одделение ги распоредува јавниот обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, од редот на јавните обвинители од тоа обвинителство, по претходно добиена согласност од Јавниот обвинител на Република Северна Македонија.
Согласно законот, Јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, вишите јавни обвинители и Основниот јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција за својата работа се одговорни пред Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија. Обвинители во вишите јавни обвинителства за својата работа одговараат пред Вишиот јавен обвинител и Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, а јавните обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција пред Основниот јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција и Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија. Основните јавни обвинители за својата работа одговараат пред Вишиот јавен обвинител, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, додека јавните обвинители во основните јавни обвинителства одговараат за својата работа пред основниот јавен обвинител и Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија.
За вршење на стручните работи во обвинителствата покрај јавните обвинители работат и бројни виши јавнообвинителски советници, самостојни јавнообвинителски советници, јавнообвинителски советници, стручни соработници и јавнообвинителски приправници кои се дипломирани правници, како и стручни лица од други области (финансии, градежништво, информатика, електротехника, машинство и слично) кои извршуваат стручни работи поврзани со следење и откривање на криминалитетот.
Под услови определени со закон во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се формира истражен центар.
Под услови определени со закон во основните јавни обвинителства, што постапуваат пред судови со проширена надлежност се формира истражен центар или одделение за истраги.
За вршење на административни, технички и други работи во јавните обвинителства работат определен број работници.
Стручниот колегиум е постојано стручно и советодавно тело во остварување на функцијата на јавниот обвинител во јавните обвинителства со најмалку три јавни обвинители. Колегиумот го сочинуваат јавниот обвинител на јавното обвинителство и јавните обвинители во јавното обвинителство. Колегиумот работи на седници.
Во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија се именува Генерален секретар кој раководи со Стручната служба на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, ја координира и насочува работата на стручните служби во другите обвинителства и му помага на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија во вршењето на работата од јавнообвинителската управа. Јавните обвинителства со повеќе од седум јавни обвинители имаат секретар кој раководи со стручната служба на јавното обвинителство.