Соопштенија

Предложена парична казна за употреба на фалсификувана потврда за негативен ПЦР тест

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Предлог за издавање казнен налог против едно лице за кривично дело – Фалсификување исправа согласно член 378 став 1 од Кривичниот законик.

На 28 мај, 49-годишната обвинета се обидела да оствари излез од државава на граничниот премин на Меѓународниот аеродром – Скопје, притоа прикажувајќи фалсификувана исправа – лажен медицински сертификат за негативен ПЦР тест на SARS-CoV-2 вирусот.

Иако знаела дека не се тестирала во наведената лабораторија ден претходно и дека не и бил издаден негативен резултат на ПЦР тестот, таа пред овластените службени лица ја прикажала медицинската потврда како вистинита.

Јавниот обвинител предложи Судот на обвинетата да и изрече парична казна од 100 дневни глоби со поединечна висина на дневната глоба од 20 евра во денарска противвредност.