УСТАВНА ПОЛОЖБА НА ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО

УСТАВНА ПОЛОЖБА НА ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО

Уставната положба на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, како и положбата во системот на државната власт се воспоставени со Уставот на Република Северна Македонија („Службен весник на РМ“ бр.52/1991 година) и Амандманот XXX на Уставот на Република Северна Македонија од 07 декември 2005 година („Службен весник на РМ“ бр.107/2005 година).

Со Амандманот XXX на Уставот на Република Северна Македонија се пропишува кој ја врши функцијата на јавното обвинителство, заменети ставовите 2 и 3 на членот 106 од Уставот на Република Северна Македонија и е избришан членот 107, дефиницијата на јавното обвинителство и неговата функција остануваат исти. Со Амандманот е додефинирана положбата на Јавното обвинителство во насока на тоа дека своите функции ги извршува врз основа на Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори, како и дека функцијата на јавното обвинителство ја вршат Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, кој го именува и разрешува Собранието на Република Северна Македонија за време од шест години со право на повторно именување и јавните обвинители избрани од страна на Советот на јавни обвинители без ограничување на траење на мандатот, при што се запазува соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници. Со ова е изменето претходното решение изборот и разрешувањето на јавните обвинители да го врши Собранието на Република Северна Македонија по предлог на Владата на Република Северна Македонија.

Со Амандманот се пропишува дека надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и функционирањето на јавното обвинителство, како и основите и постапката за престанок и разрешување на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и јавните обвинители се уредува со закон донесен со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Во Амандманот се укажува и на неспоивоста на функцијата Јавен обвинител на Република Северна Македонија и јавен обвинител со членување во политичка партија или вршење на други јавни функции и професии утврдени со закон, во исто време се забранува политичко организирање и дејствување во Јавното обвинителство.

Значајно е да се истакне дека имунитетот на јавните обвинители не е предвиден како уставна категорија, но, јавните обвинители и понатаму имаат функционален имунитет, односно јавниот обвинител не може да биде притворен ниту повикан на кривична одговорност за преземено дејствие, искажано мислење и донесување на одлука во вршењето на функцијата јавен обвинител, ниту против него може да се води постапка за надоместок на штета или друга постапка од страна на учесник во постапката кој е незадоволен од одлуката на јавниот обвинител.