Надлежности на јавното обвинителство и јавните обвинители на Република Северна Македонија

Надлежности на јавното обвинителство и јавните обвинители на Република Северна Македонија

Надлежностите на јавните обвинители произлегуваат од одредбите на Законот за јавното обвинителство и Законот за кривична постапка.

Во посебна глава (3) во Законот за јавното обвинителство се уредени надлежностите на јавното обвинителство и јавните обвинители. Според овој закон Јавното обвинителство постапува во границите на својата стварна и месна надлежност – Основните јавни обвинителства постапуваат пред основните судови, Вишите јавни обвинителства пред апелационите судови, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција постапува пред основен суд со специјализирано судско одделение надлежно за судење на дела од областа на организираниот криминал, додека Јавното обвинителство на Република Северна Македонија постапува пред Врховниот суд на Република Северна Македонија.

Јавното обвинителство на Република Северна Македонија во рамките на меѓународните договори остварува непосредна соработка со јавни обвинителства од другите држави, особено на планот на спречување и гонење на организираниот криминал и други тешки форми на криминал преку непосредна размена на податоци, непосредна соработка, едукација, специјализација на кадри и други форми на соработка.
При остварувањето на функцијата на гонење на сторителите на кривични дела и прекршоци, јавните обвинители имаат овластувања како и Министерството за внатрешни работи и другите државни органи во чиј делокруг на работа е и откривање на кривични дела и нивните сторители и на прибирање на докази заради кривично гонење на сторителите.

Законот за кривична постапка пропишува дека основно право и должност на јавниот обвинител е да ги гони сторителите на кривични дела за кои гонењето се презема по службена должност. Во однос на работата на јавното обвинителство, законот нуди поинакви решенија од досегашните, односно со Законот за кривична постапка, севкупната предистражна и истражна постапка се доверени на јавните обвинители кои имаат право и должност да ги насочуваат дејствијата на органите надлежни за откривање и пријавување на кривичните дела и на нивните сторители, да пронаоѓаат, предлагаат и обезбедуваат докази, да предлагаат/издаваат наредби за преземање на посебни истражни мерки, за спроведување на истражна постапка, како и привремени мерки заради обезбедување на имот или предмети прибавени со кривично дело или заради извршување на мерката конфискација, да одлучуваат за одлагање на кривичното гонење, да предлагаат издавање на казнен налог, да преговараат и да се спогодуваат со обвинетите за признавање на вина, да поднесуваат и застапуваат обвиненија пред надлежниот суд, да поднесуваат жалби против неправосилни судски одлуки и вонредни правни лекови против правосилни судски одлуки, да одлучуваат по жалба на оштетениот.

Јавните обвинители при раководење со предистражната постапка, располагаат со овластени службени лица од Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција и Царинската управа, имаат овластувања за издавање наредби за примена на посебните истражни мерки, за откривање на кривичното дело или негов сторител, а доколку е неопходно можат сами да преземаат дејствија за кои со закон се овластени Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција и Царинската управа. Јавното обвинителство се грижи за законитоста на мерките и дејствијата преземени во предистражната постапка и врши надзор над почитувањето на човековите права од страна на овластените службени лица во Министерството за внатрешни работи и други државни органи.

Обвинителите одлучуваат за преземање или продолжување на кривично гонење за сторителите на кривични дела, поднесуваат барање за поведување прекршочна постапка, поднесуваат и застапуваат обвиненија пред судовите, изјавуваат редовни или вонредни правни лекови против судските одлуки. Во граѓанската и други судски постапки, како и во управната постапка, јавните обвинители преземаат правни дејствија за кои се овластени со закон.

При извршувањето на своите надлежности, Јавните обвинители имаат право да наредат доставување на податоци и известувања, документи, списи, предмети, банкарски сметки, како од државните органи, така и од други правни лица и граѓани за кои може основано да смета дека располагаат со такви податоци или информации, може да остваруваат консултации и да прибираат мислење од стручни лица од соодветна област, што се неопходни за донесување на соодветна јавнообвинителска одлука.

Leave a Comment