ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Уставната положба на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, како и положбата во системот на државната власт се воспоставени со Уставот на Република  Македонија („Службен весник на РМ“ бр.52/1991 година) и Амандманот XXIV,  XXX на Уставот на Република Македонија од 07 декември 2005 година („Службен весник на РМ“ бр.107/2005 година), како и Законот за јавно обвинителство ( „ Службен весник на РМ“80/92, 19/93, 9/94 и 9/96, 38/04, 150/07)

Согласно член 106 од Уставот на Република Македонија , Јавното обвинителство е дефинирано како единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон. Јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа и во рамките на Уставот и закон. Истиот член го одредува и именувањето и разрешувањето на Јавниот обвинител од страна на  Собранието за време од шест години.

Другата одредба од Уставот (член 107) се однесуваше на уживањето на  имунитет на Јавниот обвинител за кој одлучува Собранието и неспоивоста на функцијата јавен обвинител со вршење на друга јавна функција и професија или со членување во политичка партија. Овој член е избришан со Амандманот ХХХ донесен во 2005 година.

Со Законот за јавното обвинителство од 1992 година беше уредено основањето на јавните обвинителства, нивната организација и надлежност, подрачјата во кои постапуваат и седиштата на јавните обвинителства, како и условите и постапката за именување и разрешување на јавните обвинители и нивните заменици од страна на Собранието на Република Македонија на предлог на Владата на Република  Македонија, а по прибавено мислење од Јавниот обвинител на Република Македонија за време од шест години, со можност за повторно именување. Согласно Законот функцијата јавен обвинител и заменик јавен обвинител била неспојлива со функција пратеник, односно одборник, како и со функциите во органите на Републиката, општините и градот Скопје и не можеле да вршат политичка функција и да членуваат во политичка партија или во друго политичко здружение.

Со Законот за јавното обвинителство од 2004 година   јавното обвинителство е организирано според принципите на хиерархија и субординација како Јавно обвинителство на Република Македонија, Вишо јавно обвинителство и Основни јавни обвинителства. Јавното обвинителство на Република Македонија е основано за целата територија на Република Македонија и постапува пред Врховниот суд. Трите виши јавни обвинителства во Битола, Скопје и Штип, постапуваат пред апелационите судови, додека 22 Основни јавни обвинителства постапуваат пред еден или повеќе основни судови. Согласно одредбите од Законот, во Јавното обвинителство на Република Македонија е основано Одделение за гонење на сторители на кривични дела од областа на организираниот криминал и корупцијата.

Со овој закон заради спроведување на постапката за именување, разрешување и утврдување на одговорноста во извршувањето на функцијата на јавните обвинители и замениците јавни обвинители, е предвидено и основање на Советот на јавните обвинители.

Во 2005 година е донесен Амандманот ХХХ на Уставот на Република Македонија, со кој се пропишува квалитативно нов начин на регулирање на прашањето на вршителите на функцијата на јавното обвинителство изземајќи ги  заменици јавни обвинители во структурата на јавното обвинителство. Дефиницијата на јавното обвинителство и неговата функција остануваат исти. Додефинирана е положбата на Јавното обвинителство во насока на тоа дека своите функции ги извршува врз основа на Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори, како и дека функцијата на јавното обвинителство ја вршат Јавниот обвинител на Република Македонија, кој го именува и разрешува Собранието на Република Македонија за време од шест години со право на повторно именување и јавните обвинители избрани од страна на Советот на јавни обвинители без ограничување на траење на мандатот, при што се запазува соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници. Со ова е изменето претходното решение изборот и разрешувањето на јавните обвинители да го врши Собранието на Република Македонија по предлог на Владата на Република Македонија.

Со Амандманот се пропишува дека надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и функционирањето на јавното обвинителство, како и основите и постапката за престанок и разрешување на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и јавните обвинители се уредува со закон донесен со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Во Амандманот се укажува и на неспоивоста на функцијата Јавен обвинител на Република Северна Македонија и јавен обвинител со членување во политичка партија или вршење на други јавни функции и професии утврдени со закон, во исто време се забранува политичко организирање и дејствување во Јавното обвинителство.

Закон за јавното обвинителство (2007) беше резултат на заложбите на државата за усогласување со Амандманите, обврската за хармонизација на нашето законодавство  и  определбата за интегрирање во евроатланските структури. Законот обезбеди унапредување и зајакнување на позицијата на јавниот обвинител во системот на кривичната правда; зајакнување на самостојноста на носителите на функцијата и надградување на самостојната позиција согласно со Уставот на Република Македонија; вградување на Препораките на Комитетот на министри во однос на улогата на јавниот обвинител во кривично-правниот систем; унапредување на статусот на обвинителите и позицијата во правосудниот систем и зголемување на капацитетите на јавното обвинителство во справувањето со организираниот криминал и корупцијата.

Во однос на организацијата на јавното обвинителство  се задржа постојната организациона поставеност. Новина беше што следејќи ја организацијата на судството, односно формирањето на Апелационен суд во Гостивар, покрај трите виши јавни обвинителства (Битола, Скопје и Штип), се основа и Вишо јавно обвинителство во Гостивар, како и формирање на посебно јавно обвинителство за постапување по предмети поврзани со организираниот криминал и корупцијата што предходно беа во надлежност на Одделението за гонење на сторители на кривични дела од областа на организираниот криминал и корупцијата при Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Законот за кривичната постапка од 2010 година ја зацврсти улогата на јавниот обвинител во борба против сторителите на кривични дела кои се гонат по службена должност – јавниот обвинител доби раководна улога во истражната постапка.

Со новиот Закон за јавното обвинителство од 2020 година дополнително се унапредија организацијата и работата на Јавното обвинителство.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција доби поинаква поставеност во рамките на јавнообвинителската мрежа, како во делот на неговата финансиска самостојност, така и во делот на постапувањето во предметите. Со цел елиминација на политичките влијанија при изборот на јавен обвинител кој раководи со ова обвинителство,  со новиот Закон се предвидени решенија тој јавен обвинител да го бираат јавните обвинители на непосредни избори.

И новиот Закон го задржува принципот на подреденост на обвинителствата, но ја нагласува самостојноста на јавниот обвинител во постапувањето по конкретните предмети. Во исто време, Законот ја изострува одговорноста и предвидува повеќе основи за одговорност на јавниот обвинител. Од друга страна, Законот ја воспоставува кариерата на јавните обвинители, бидејќи согласно законските решенија во повисоките јавни обвинителства може да се дојде само со претходно искуство во пониските јавни обвинителства.