В.Д. ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

В.Д. ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Вршителката на должноста Јавен обвинител на Република Северна Македонија Анита Тополова-Исајловска е родена на 11.12.1971 година во Скопје.

Дипломира на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, а во 2009 година е избрана за јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Скопје. Од 2013 година е избрана за јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, додека во 2016 година за еден од јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Во рамките на активностите во републичкото јавно обвинителство, Тополова-Исајловска раководи со Одделението за меѓународна правна помош и со Канцеларијата за поврат на имот (АРО Канцеларија) во ЈОРСМ.

Освен тоа, таа е контакт-точка на Јавното обвинителство со Државната комисија за спречување со корупција, но и со меѓународните мрежи за борба против корупција, за поврат на имот и за заштита од измами на штета на фондовите на Европската унија – CARIN, GlobE Network, ACN-OECD и AFCOS. Јавната обвинителка Тополова-Исајловска е член на експертската работна група на ИНТЕРПОЛ за лоцирање и одземање нелегално стекнат имот.

На национално ниво, таа е дел од Националната комисија за мало и лесно оружје, како и од сите тела кои работат на подготовка и следење на имплементацијата на стратешките документи за финансиски истраги и конфискација на имот. Јавната обвинителка Тополова-Исајловска е дел од тимот за преговори со Европската унија во врска со Поглавјата 23 и 24, како и координатор на дел од реформите предвидени во Реформската агенда со ЕУ.

Јавен обвинител на Република Северна Македонија е функционер именуван од Собранието на Република Северна Македонија, по предлог на Владата на Република Северна Македонија со мандат од шест години и право на повторно именување. За својата работа и работата на јавното обвинителство одговара пред Собранието на Република Северна Македонија.

Условите што треба да бидат исполнети за едно лице да стане Јавен обвинител на Република Северна Македонија се: да биде работоспособен државјанин на Република Северна Македонија со општа здравствена способност, кој активно го владее македонскиот јазик, има стекнато универзитетска диплома за дипломиран правник со положен правосуден испит во Република Северна Македонија, како и работно искуство од најмалку осум години по положениот правосуден испит, со потврдени резултати на правни работи, односно е редовен / вонреден универзитетски професор кој предава повеќе од десет години правен предмет од правосудната практика.

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија го претставува Јавното обвинителство, раководи со неговата работа, ги врши правата и обврските определени со закон. Одговорен е за општите состојби што се однесуваат на организирањето и извршувањето на функциите на јавното обвинителство, дава задолжителни општи писмени упатства на вишите јавни обвинители, на основниот јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција и на основните јавни обвинители за преземање на мерки и активности за заштита на основните права и слободи на човекот и граѓанинот, заштита на интересите на државата и на другите правни субјекти, за поефикасно откривање и гонење на кривични дела и нивните сторители, вложување на правни средства и примена на законите. Согласно закон, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија може да преземе кривично гонење и вршење на одделни работи за кои е надлежен виш,основен или основен јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција, односно да ги овласти да водат постапка по одделни предмети или да вршат определени работи од надлежност на друг јавен обвинител.

На почетокот на секоја календарска година, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, донесува Годишен распоред за работа и поднесува Годишен извештај за работата на јавните обвинителства и за состојбата со криминалитетот во Република Северна Македонија.

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија пред Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесува иницијатива за поведување постапка за оценување на согласноста на закон со Уставот и за согласноста на други прописи со Уставот и законите, ако прашањето за уставноста и законитоста се постави во работата на јавното обвинителство.

Доколку на јавниот обвинител на Република Северна Македонија му престане функцијата или е разрешен од истата, Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија од редот на јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија определува јавен обвинител што ќе ја врши функцијата до именувањето на Јавен обвинител на Република Северна Македонија.

Од 1944 година до денес функцијата на Јавен обвинител на Република Северна Македонија ја извршувале 15 јавни обвинители.