ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

 

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Ненад Савески е роден на 22 јули 1976 година.
На Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје дипломира во 2000 година, а во 2003 година го положил правосудниот испит. Магистер е по правни науки од областа на казненото право на постдипломските студии на Правниот факултет “Јустинијан Први”.
Савески во 2007-2008 година беше слушател на првата генерација на Академијата за судии и јавни обвинители, по што во 2009 година беше избран за јавен обвинител во Основно јавно обвинителство во Скопје.
Извесен период беше упатен на работа и во Основното јавно обвинителство Гостивар, а во септември 2016 година беше избран за судија на Основниот кривичен суд Скопје во Одделот за организиран криминал и корупција. Од 2014 година е предавач во Академијата за судии и јавни обвинители на почетната и на континуираната обука за идни и актуелни судии и јавни обвинители.
Во своето богато професионално искуство, Савески е ангажиран како член-експерт и консултант на многу работни групи за изработка и анализа на закони и други акти, а неговите домашни и меѓународни експертски ангажмани се во соработка со ОБСЕ, DCAF, USAID, Совет на Европа JUFREX, ILEA академијата во Будимпешта, Амбасадата на САД, како и Правниот факултет “Јустинијан Први”.
Во 2024 година беше ангажиран како експерт во работната група за судски реформи во Молдавија за изработка на Прирачник за употреба на посебни истражни мерки во рамките на проектот „Зајакнување на управувањето со безбедносниот сектор во Молдавија“.
Тој е автор и ко-автор на повеќе публикации, вклучувајќи ги и “Водичот за ништење на податоци собрани со ПИМ” DCAF 2024 и “Водичот за судење од далечина за земјите од Централна и Источна Европа  CEELI Institut 2022 второ издание, а во својата кариера објавувал и стручни трудови за темите: “Посебнитe истражни мерки наспроти правото на приватност – судска пракса и меѓународни стандарди”, “Мерки за обезбедување на лица во ЗКП што го ограничуваат правото на слобода и безбедност во согласност со член 5 од ЕКЧП”, “Кривични дела од омраза и говор на омраза”, “Конфискација -проширена конфискација” и други.
Јавниот обвинител Савески има посетувано обуки на MATRA програмата во Холандија, CEELI институтот во Прага и ARE центарот.
Од странски јазици говори англиски, германски, српско-хрватски и албански.
Ненад Савески е избран за Јавен обвинител на Република Северна Македонија на 18 март 2026 година.

Јавен обвинител на Република Северна Македонија е функционер именуван од Собранието на Република Северна Македонија, по предлог на Владата на Република Северна Македонија со мандат од шест години и право на повторно именување. За својата работа и работата на јавното обвинителство одговара пред Собранието на Република Северна Македонија.

Условите што треба да бидат исполнети за едно лице да стане Јавен обвинител на Република Северна Македонија се: да биде работоспособен државјанин на Република Северна Македонија со општа здравствена способност, кој активно го владее македонскиот јазик, има стекнато универзитетска диплома за дипломиран правник со положен правосуден испит во Република Северна Македонија, како и работно искуство од најмалку осум години по положениот правосуден испит, со потврдени резултати на правни работи, односно е редовен / вонреден универзитетски професор кој предава повеќе од десет години правен предмет од правосудната практика.

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија го претставува Јавното обвинителство, раководи со неговата работа, ги врши правата и обврските определени со закон. Одговорен е за општите состојби што се однесуваат на организирањето и извршувањето на функциите на јавното обвинителство, дава задолжителни општи писмени упатства на вишите јавни обвинители, на основниот јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција и на основните јавни обвинители за преземање на мерки и активности за заштита на основните права и слободи на човекот и граѓанинот, заштита на интересите на државата и на другите правни субјекти, за поефикасно откривање и гонење на кривични дела и нивните сторители, вложување на правни средства и примена на законите. Согласно закон, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија може да преземе кривично гонење и вршење на одделни работи за кои е надлежен виш,основен или основен јавен обвинител за гонење на организиран криминал и корупција, односно да ги овласти да водат постапка по одделни предмети или да вршат определени работи од надлежност на друг јавен обвинител.

На почетокот на секоја календарска година, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, донесува Годишен распоред за работа и поднесува Годишен извештај за работата на јавните обвинителства и за состојбата со криминалитетот во Република Северна Македонија.

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија пред Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесува иницијатива за поведување постапка за оценување на согласноста на закон со Уставот и за согласноста на други прописи со Уставот и законите, ако прашањето за уставноста и законитоста се постави во работата на јавното обвинителство.

Доколку на јавниот обвинител на Република Северна Македонија му престане функцијата или е разрешен од истата, Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија од редот на јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија определува јавен обвинител што ќе ја врши функцијата до именувањето на Јавен обвинител на Република Северна Македонија.